Планината Влаина

Планината Влаина припаѓа во групата средно високи (1500 - 2000 m) планини.Се протега долж самата граница со Бугарија. Највисок врв е Кадиица во јужниот дел на планината, со височина од 1932 m. Според височината, Влаина е втора планина во ИПР, веднаш по Осоговските Планини (2252 m). Сепак, релативната височина од пониските терени (кои се на 800 - 1000 m) до највисоките планински делови е мала и изнесува околу 1000 метри. Покрај Кадиица, други поистакнати врвови се: Кадин Бунар (1793 m) на југ, Буковик (1723 m) на запад, Занога (1577 m) на север и други. Врвовите, како и самото планинско било (долго 15 km) се за- облени, слабо изразени и оголени. Сепак, од нив се протега широк видик кон Делчевската и Беровската Котлина на запад, кон Осоговските Планини на север, а особено спектакуларен е погледот кон планините Рила и Пирин, како и Благоевградската Котлина на исток во Република Бугарија. Површината на планината Влаина во нашата држава изнесува 150,4 km2 од кои 74% или 111,2 km2 припаѓаат на општината Пехчево, а другото на општина Делчево. Планинските падини се стрмни, особено на западната страна, над 1200 m височина, а просечниот наклон из- несува 16,4 степени. Геолошкиот состав на Влаина е претставен со прекамбриумски гнајсеви во крајниот јужен дел, шкрилци пробиени со кварцлатити во средишниот дел и метадијабази, габ- рови и гранити во северниот дел. Во подножјето на планината се застапени неотпорни пли- оцени барско-езерски седименти и делувијални наноси еродирани од падините. На овие наноси се наоѓаат населбите Пехчево, Негрево, Црник и Панчарево. Поради слабата отпорност и влијанието на човекот, наведените кластични седименти се зафатени со силни ерозивни процеси. Инаку, планината Влаина е испресечена со повеќе речни долини, и тоа на Пехчевска река, Желевица и нејзините десни притоки Црничка (Виничка) река, Панчаревска река и др. Поради големиот надолжен пад (заради што може да се искористат за мали електроцентрали), овие реки во планинскиот дел оформиле брзаци, мали водопади и други интересни појави. Влаина е средно пошумена планина, а значителен дел е покриен со тревна вегетација, односно пасишта. Поизразити шумски комплекси од бука има над 1000 m височина, особено на северните, северозападните и западните падини. Така, поголем шумски комплекс се јавува во изворишните долински делови на Пехчевска река, Желевица, Виничка река, Панчаревска река и други.
Туристички атрактивности: долина на Брегалница со повеќе водопади, локалитет Равна река, мелови околу село Црник, фосилни остатоци кај село Град, месноста Вртена скала, врвот Кадиица, месноста Јудови ливади со инсектојадно растение.
Потенцијални видови туризам:рурален туризам, трекинг туризам, планинарење, гео туризам, излетнички и др.
Забелешка: Голем недостиг за туризмот на планината Влаина е непостоењето на асфалтен пат до Буковик бидејќи постоечките земјени патишта се во многу лоша состојба и опасни. Исто така, проблем е недостигот на туристичка инфраструктура, сместувачки капацитет во Пехчево и формирана туристичка понуда.