Плачковица

Плачковица е втора по површина (420 km2) и четврта по височина (1754 m) планина во ИПР. Се протега помеѓу Струмичко – Радовишката Котлина и долината на реката Плаваја (притока на Струмица) на југ, Кочанската Котлина на север и долината на Осојница на исток. На запад, таа е доста расчленета и еродирана, постепено спуштајќи се кон Овче Поле, долината на Брегалница и нејзините леви притоки. Особено стрмна и јасно изразена е северната страна кон Кочанско Поле. Главното било е со правец северозапад-југоисток во должина од околу 40 km. Со длабоко всечената долина на Зрновска Река, Плачковица речиси симетрично е поделена на два дела: источен и западен. Западниот дел е понизок со највисок врв Туртел (1689 m). Поради застапеност на мермери во геолошката градба, околу Туртел се создале повеќе пештери од кои до сега се истражени 5. Речиси од целото Туртелско било кон запад се протега одличен панорамски видик на голема далечина, додека, пак, неговата источна страна кон долината на Зрновска Река е многу густо пошумена. Источниот дел на Плачковица е повисок и на него се врвовите Лисец (1754 m), Чупино (1725 m), Бел Камен (1707 m), Кара Тепе (1625 m) и други. Врвот Лисец е највисок на планината. Од него се протега извонреден панорамски видик кон околните подрачја, а за многу ведро време и чиста атмосфера, од него може да се види Рила на запад, дел од Солунскиот Залив на југ, па дури и планината Олимп оддалечена преку 200 km. Всушност иако не е многу висок, Лисец е меѓу врвовите во Македонија со најголем доглед или најдалечна хоризонтна видикова линија. До самиот врв може да се дојде со неколку часовно пешачење по билото тргнувајќи од селото Зрновци или од селото Градец, при што растојанието е околу 10 km. Исто така, до врвот води лош земјен пат, па може да се дојде и со теренско возило иако не е препорачливо заради загрозување на природата. Така, на повеќе места е пресечена со длабоки клисури кои некаде имаат изглед на кањон како што се: клисурата на Зрновка, клисурата на Градечка река, клисурата на реката Осојница, клисурата на Аргуличка река и други водотеци. Посебно е интересен делот на Радањска река со малиот кањон Камник.Освен долината на Зрновска Река, доста интересни за разгледување, прошетка, планинарење или уживање во природата се долините на Градечка и Блатечка река на исток, како и повеќето долини по западното подножје како таа на Аргуличка или Радањска река. Во некои од овие долини има помали, но фасцинантни кањонски делови. Долината, пак, на Радањска река е исполнета со десетици плавини и плавински појаси, кои оставаат посебен впечаток. Покрај чистата и речиси недопрена природа во средишниот дел на планината Плачковица, голема атрактивност овде претставуваат традиционалните села со доста сочуван стил и начин на живот. Особено карактеристични се селата Зрновци со убаво уреденото корито на Зрновска Река и неколкуте кафеани и продавнички покрај брегот, потоа селата Градец, Блатец, Аргулица и Радање. Во некои села сѐ уште може да се сретнат луѓе во традиционална носија. Покрај навистина импресивните убавини, на планината или околу неа сѐ уште нема соодветни сместувачки капацитети, а загрижува и големата деградација со трасирање и поставување макадамски патишта кон врвот Туртел или Лисец и можеби неконтролирана изградба на викендички.
Туристички атрактивности: густи, букови, шумски комплекси, длабоко всечени клисури со кањонски делови (Зрновка, Козјачка река, Камник, Градечка река), бројни водопади на реките, пештери околу врвот Туртел, истакнати врвови со одличен панорамски видик.
Потенцијални видови туризам: трекинг туризам, побројните планински патеки, рурален туризам во селата долж подножјето, параглајдинг од врвот Туртел и повеќе зарамнини над село Зрновци, Липец и Блатец, престој во планина и др.
Забелешка: Врвот Туртел и постоечките сместувачки капацитети кај него (кои треба само да се реновираат и осовременат) нудат одлични можности за развој на повеќе видови туризам.