Осоговски Планини

Осоговски Планини се најголемиот и највисокиот планински масив во Источниот плански регион и во целиот источен дел на Република Македонија. На регионот му припаѓа јужната страна на планината со површина од 594 km2, што претставува 54% од нејзината вкупна површина во Република Македонија (1102,2 km2). Се одликува со долги, заоблени била и врвови меѓу длабоко всечени речни долини. Пет врва се повисоки од 2000 m, како Руен (2252 m), Мал Руен (2205 m), Царев Врв (2085 m) и др. На највисоките делови од планината (над 1800 m) има интересни релјефни појави како резултат на ниските температури и покриеноста со снег во зимската половина од годината. Во западниот, пробиштипско-злетовски дел од планината, врвовите се пониски, но поостри бидејќи настанале со некогашен вулканизам на овие простори. Помеѓу билата се длабоко всечените тесни долини на Злетовска, Кочанска, Оризарска, Каменичка Река и нивните притоки. Долините се одликуваат со стрмни, некаде речиси вертикални страни и тесно долинско дно, односно претставуваат типични клисури. Посебно интересна е клисурата на Злетовска Река низводно од вливот на Емиричка Река до с. Злетово. Доста се интереснии тесните долини на Кочанска и Оризарска Река, каде се среќаваат неколку водопади. Долината, пак, на Каменичка Река, главно е всечена во шкрилци и слабо врзани езерски седименти, па затоа е застапена многу силна ерозија.
Климата на Осоговските Планини просторно доста се разликува: од топла умерено- континентална во југозападното подножје, преку континентална на источните падини до планинска во повисоките делови. Просечните годишни температури се движат од 12°С на југозапад, до 10°С на источните повисоки падини, потоа околу 8 – 9°С во средно-планинскиот појас (1000 – 1500 m) до 5 – 6°С во највисоките делови. Врнежите, пак, со височина се искачуваат, и тоа од 500 mm во подножјето до 750 – 800 mm над 1800 m, каде во зимската половина најчесто се во вид на снег. На просторот на ИПР единствено овде (над 1800 m) постојат солидни природни услови за развој на зимско-спортски (скијалишен) туризам.
Осоговските Планини се познати по големиот број извори – ги има неколку стотици. Некои се минерални, а кон подножјето има и неколку термални извори. Под Царев Врв и Руен е извориштето на 4 големи притоки на Брегалница: Злетовска, Кочанска, Оризарска и Каменичка Река. Биодиверзитетот е извонредно голем, како во однос на растителниот така и за животинскиот свет. Без оглед на интензивното уништување на шумите во минатото, денес дел од нив природно се обновиле, така што шумските комплекси на некои места се густи и претставени со дабови и букови шуми. Поради расчленетоста на планината со бројни и длабоки речни долини, на Осоговијата има повеќе села од разбиен тип, со маала оддалечени по неколку км. Поради тоа, патното поврзување на некои маала се случи дури неодамна, кога најголем дел од населението веќе ги напуштило селските имоти.
Туристички атрактивности: одлични панорамски видиковци, живописни планински клисури на Злетовска, Кочанска, Оризарска и Каменичка Река со повеќе водопади, вулкански купи и кратери околу Злетово (особено Лесновскиот кратер), бројни извори, густи шумски комплекси, планинска клима, чист и свеж воздух, традиционални селски населби и др.
Потенцијални видови туризам: рурален туризам, трекинг туризам, зимско-спортски туризам во највисоките планински делови и на Пониква, ловен туризам, посебно во ловиштето кај Пониква, геотуризам кај вулканскиот терен и кај Раткова скала, параглајдинг, маунтбајкинг, излетнички туризам, конференциски туризам и др.
Забелешка: Заради зачувување на природата не треба да се претерува со изградба на асфалтни патишта. Особено треба внимателно да се планира и гради предвидениот пат Тораница – Саса, кој ќе минува низ централниот и најубав дел на планината.



Царев Врв и Руен

Царев Врв (2085 m) и Руен (2252 m)се највисоките врвови на Осоговските Планини и во ИПР. Тие се заоблени, пространи и доминантни.Овде има бројни интересни релјефни појави како резултат на ниските температури и покриеноста со снег во зимската половина од годината. Тоа се снежнички циркови, мориња од распаднати карпи, камени блокови што се лизгаат, мразни јазици и др (Милевски, 2008). Бидејќи се наоѓаат во најатрактивниот, централен и висок дел на Осоговските Планини, истите се меѓу најзначајните туристички потенцијали на планината. За нив постои голем интерес за посета во текот на целата година, а со оглед на пространоста имаат голем прифатен капацитет. Воедно имаат добра туристичка положба бидејќи се помеѓу 2 значајни магистрални патишта и во близина до асфалтни патишта (с. Саса, с. Цера).
Туристички атрактивности: одличен панорамски видик, високопланински релјеф, планинска клима, чист и свеж воздух, студени извори.
Потенцијални видови туризам: зимско-спортски туризам, планинарење, набљудување на природата, престој на голема височина.
Забелешка:На Царев Врв и околу него има одлични потенцијални терени за скијање и други зимски спортови. Овде снегот се задржува околу 4 месеци, посебно на северните, северо- источните (кон Крива Паланка) и источните падини. Единствено на овој простор од ИПР има одлични природни услови за зимско-спортски туристички центар од интеррегионално значење. Затоа е неопходна заедничка активност со СИПР, односно општина Крива Паланка.



Пониква

Пониква е врв во југозападниот дел на Осоговските Планини, висок 1614 m. Врвот и овој дел од планинското било се доста заоблени и со убав панорамски видик. На 2 km северозападно е највисокиот врв во областа, Панаѓур, со 1669 m, додека на југозапад е живописниот локалитет Раткова Скала. Североисточно, пак, од Пониква продолжува Лопенско било по кое води планински пат до Царев Врв (2085 m). Пониква со околниот простор имаат јужна (присојна) поставеност и одлична осончаност во текот на годината. Во зимскиот период има појава на инверзија, односно осончаност и повисоки температури кога во Кочанската Котлина е замаглено и студено. Просечните јулски температури на Пониква се околу 20 – 25°С или речиси 10°С пониски од оние во Кочани. Овде има многу извори, потоци, а надолу се густи шумски комплекси. Поради сите овие атрактивности и одамна изградениот асфалтен пат од Кочани, Пониква уште во средината на минатиот век израснува во зимско-туристички центар. Како посебна туристичка атракција, за љубителите на ловот, во непосредна близина на спортско-рекреативниот центар Пониква се наоѓа и резерват за дивеч. Комерцијалното ловиште-резерват им нуди на посетителите можност за лов на елени, срни, елени-лопатари, муфлони, диви свињи, како и сместување.
Туристички атрактивности: одличен панорамски видик, чист воздух, сонце, пријатна клима, бројни извори и потоци, густи шуми во околината, чиста природа.
Потенцијални типови туризам: зимско-спортски, трекинг, параглајдинг, маунтбајкинг, планинарење, конференциски, ловен, здравствен, велнес-спа.

Забелешка: Пониква нема можности да се развие во голем зимско-спортски/скијалишен туристички центар бидејќи едноставно природните карактеристики не го дозволуваат тоа. Имено, највисокиот врв во овој простор, Панаѓур, е на само 1669 m, што е релативно мала височина. Над 1500 m лежи незначителна површина од 6 km2, што значи нема доволно денивелација за подолги скијачки патеки. Овој туристички центар е првично проектиран и поставен во средината на минатиот век, кога климата била нешто поладна, а снежните врнежи пообилни од денес. Вештачкото одржување на снегот надвор од природната сезона, која овде трае околу 3 месеци, е скапо, нерационално и неефективно. Затоа на Пониква треба да се обрне внимание и на други туристички активности, за да стане „all year“ ресорт. Многу подобри погодности за зимско-спортски центар има подрачјето околу Царев Врв, каде дури 15,5 km2 лежат над 1800 m надморска височина, а 5,2 km2 над 1900 m (300 – 400 m повисоко од Пониква). На Царев Врв снегот се задржува околу 1 – 1,5 месеци подолго од Пониква, особено на североисточната страна.



Раткова Скала

Раткова Скала е локалитет што се наоѓа во југозападниот дел на Осоговските Планини, на десетина километри североисточно од с. Злетово. До неа се доаѓа преку асфалтниот пат од с. Злетово до селото Турско Рударе (3 km), потоа по добар макадамски пат до с. Шталковица и кон с. Ратковица. Раткова Скала оддалеку е препознатлива по стрмните карпи со темно до светло сива боја. Овде, поради забавеното, речиси вертикално всекување на Шталковичка Река низ кварцитите, нејзината долина, во должина од околу 1.5 km, има изглед на кањон, со стрмни, речиси вертикални карпи длабоки и до 400 m. Нивното формирање и обликување траело речиси милион години, а самите карпи се стари стотици милиони години. Всушност, целата природа е доста интересна, со повеќе водопади на Шталковичка Река и нејзините притоки. Исто така, има многу густа и разновидна вегетација по долинските страни, со повеќе ендемични видови. На некои места густите шуми се речиси непроодни, а во летниот период можат да се сретнат и разновидни животни: од гуштери, желки, змии до разни видови птици (соколи, орли, египетски мршојадец), лисици и волци. Освен природата, многу интересни за посета се селата во овој простор. Тие го задржале автентичниот архаичен изглед стар со векови. Поради сето наведено, подрачјето на Раткова Скала (заедно со локалитетите Пониква и Синковица околу неа) нуди одлични можности за престој на помали групи планинари, алпинисти и вљубеници во недопрената природа. Рекреативно-планинарските патеки, погодностите за поставување алпинистички правци по карпите, потоа можностите за планински велосипедизам, па и за параглајдинг, можат да го направат овој простор доста атрактивен. Меѓутоа, при сето тоа мора да се води сметка да се зачува уникатната природа.
Туристички атрактивности: големи карпести отсеци, живописна природа, богат растителен и животински свет, добри панорамски точки.
Потенцијални видови туризам: трекинг, геотуризам, алпинизам, селски туризам, набљудување на природата.
Забелешка: изградбата на планираниот пат од Пробиштип до Пониква преку Раткова Скала може значително да го наруши природниот пејсаж во овој локалитет кој е познат по својот биодиверзитет.