Малешевски Планини
Малешевски Планини(Малешевска Планина) се наоѓаат во крајниот источен дел
на ИПР и на Република Македонија, а дел продолжува на територијата на Република Бугарија.
Планината има напоредничко протегање со лачна извиеност кон југ, а билото има должина
околу 30 km. Нејзината површина (до границата со Бугарија) изнесува 362,8 km2. На
севроисточната страна планината постепено се спојува со Влаина и нема јасно изразен превој
помеѓу нив, освен седлото Ајдучки Премин (1612 m). Во геолошки поглед, македонскиот дел од
планината главно е изграден од многу стари карпи: гнајсеви и микашисти, а во пониските
делови од хлоритски шкрилци и плиоценски седименти. Малешевски Планини се средно
високи со околу 1300 – 1600 m височина, освен пограничниот дел кој се издига до 1803 m кај
највисокиот врв Џами Тепе. Покрај него, истакнат врв е и Ченгино Кале (1748 m), кој е значаен и
по тоа што е најисточна точка во Република Македонија. Билата и врвовите на планината се
заоблени, слабо истакнати и покриени со тревна вегетација или проретчени шуми. Околу врвот
Ченгино Кале има неколку мали локви и тресетишта, а од највисоката точка се протега одличен
панорамски видик, особено кон планината Пирин во Бугарија. Малешевски Планини се многу
расчленети со притоките на Брегалница од северната страна и притоките на Турија и Дворишка
Река од јужната страна. Во повисокиот дел на планината е извориштето на најголемата река во
областа, Брегалница, која воедно е меѓу најдолгите реки во Македонија. Поради
оддалеченоста од поголеми градски центри и извори на загадување, како и пошуменоста,
Малешески Планини се одликуваат со чист и свеж воздух и претставуваат вистинска воздушна
бања. Климата овде е континентално-планинска со свежи лета (максимални температури до
35°С) и студени зими (минимални температури до -31°С), што исто така влијае за почист воздух.
Планината е препознатлива по мешаните четинарско-букови шуми во источниот дел, бујните
планински пасишта, водопадите на Брегалница и нејзините притоки во овој дел, прекрасната
клима, интересниот тип селски населби и др. Инаку, достапноста е релативно слаба бидејќи до
планината, поточно преку неа минува регионалниот пат Берово – Струмица, а до источниот дел
води локалниот асфалтен пат Берово – Беровско Езеро – Клепало.
Туристички атрактивности:густите мешани шуми околу Беровско Езеро, изворишниот дел и
водопадите на реката Брегалница, планинските пасишта, бројните извори, малите планински
езерца (локви) околу Ченгино Кале, чистиот воздух и пријатната клима, долината на Ратевска
река, разновидниот биодиверзитет.
Потенцијални видови туризам:рурален туризам, здравствено-рекреативен туризам,
трекинг,ловен туризам, маунтбајкинг, хотелски-спа туризам и др.
Забелешка:Освен делот од Малешевски Планини покрај Беровското Езеро, останатиот дел не
е доволно искористен и презентиран, иако има одлични услови за развој на рурален туризам.