Конечка Планина (Серта)


Конечка Планина (Серта) е ниска планина што се протега помеѓу Тиквешката Котлина од западната страна и долината на Крива Лакавица од источната страна. На север планината почнува преку ниски ограноци од долината на Брегалница, додека на југ завршува кај Демиркаписката Клисура. Во ИПР се протегаат северните делови на Серта со површина од 73,5 km2. Главното планинско било, кое е во овој дел е долго 19km, има правец на протегање СЗ-ЈИ. Височината на планината постепено се зголемува од север кон југ, и тоа од 600 до 900 m. Билото е заоблено и претставува стара ерозивна зарамнина. Само наместа се издигаат возвишенија што ги претставуваат највисоките планински врвови: Волчјак (1159 m), Бел Камен (1151 m), и др. Во геолошки поглед, повисокиот дел од планината е изграден од палеозојски шкрилци и мермери, а во подножјето се неогени седименти. Повисокиот дел на планината е под дабова и букова шума, додека понискиот е оголен или покриен со сиромашна тревна вегетација.
Туристички атрактивности: ловишта на планината.
Потенцијални видови туризам:ловен туризам, едриличарство, трекинг, и др.