Голак

Голак е малиот планински масив меѓу Делчевската Котлина на исток, Кочанската Котлина и долината на Осојница на запад, а на југ со превојот Обозна (933 m) е одвоена од Плачковица. На север Голак се спушта до долината на реката Брегалница, која прави еден голем лак околу оваа планина. Површината на планината изнесува 236 km2, а должината на билото во правец север-југ е 21 km. Највисок врв на Голак е врвот Чавка (1538 m), а на Обозна врвот Јастребац (1273 m). Врвот Чавка е доста доминантен и од него се протега одличен видик кон целиот овој простор и кон територијата на Бугарија. Планината е изградена од гнајсеви, гранити, кристалести шкрилци, а во пониски делови има плиоценски седименти кои се подложни на интензивна ерозија. Од планинското било се спуштаат поголем број водотеци, од кои на север е Бигланска река, на запад Пекљанска река, а на исток Олшора. Западните и југоисточните падини се доста оголени, со развиена ерозија, а на неколку локалности се јавуваат специфични форми - земјени пирамиди. Голак во минатото бил доста оголен, па се претпоставува дека од тука е и името. Поради заштита од ерозија, во минатиот век значителни површини биле пошумени со четинарски видови, така што денес шумските комплекси се густи и пространи. Туристичката положба на масивот е одлична бидејќи во радиус од 20 km се неколку града, и тоа: Делчево, Македонска Каменица, Виница и Берово. Тоа било причина уште од средината на минатиот век да биде поинтензивно користен за туристичка намена со изграден асфалтен пат од Делчево до врвот, детско одморалиште, неколку други објекти на самиот врв и сл. Добри транзитни асфалтни патишта има од сите страни на планината, така што во сообраќаен поглед, поврзаноста е сосема задоволителна.
Туристички атрактивности: врвот Чавка со одличен панорамски видик, долините на реките што се спуштаат од планината, густите шумски комплекси, клисурите околу планината и др.
Потенцијални видови туризам:излетнички, спортско–рекреативен, трекинг, маунтбајкинг, геотуризам, зип-лајн, адреналински паркови и други екстремни спортови, параглајдинг, едриличарство и сл.
Забелешка:Иако има размислувања за подигање на зимски спортски центар со скијачки патеки околу врвот Чавка, сепак, поради малата височина (1500 m), неповолните експозиции (главно јужни и западни) и несоодветната денивелација на теренот, многу посоодветно би било да се вложат средства во други спортско-рекреативни туристички активности (трекинг, отворени спортски терени, адреналински паркови, маунтбајкинг, параглајдинг).