Езерото Сандански

Езерото Сандански е мало вештачко езерце кое се наоѓа 3 km јужно од Делчево, непосредно до реката Брегалница и до регионалниот пат за Берово. Има неправилна елипсеста форма со најголема должина од 205 m, широчина од 145 m и површина од 2 хектари. Бреговата линија му е многу разгранета и долга дури 1100 m, со 2 мали острови и полуострови, како и неколку заливи. Езерото се полни изворски, просечната длабочина му е околу 2 – 3 m, а максималната е 12 m. Езерото е порибено со крап, лињак, клен, амур, бојник, белвица и мрена. Поради тоа, најчесто доаѓаат делчевските риболовци, меѓутоа и риболовци и други посетители од разни делови на Македонија, па и соседната Бугарија. Околината на езерото е одлично уредена, така што можат да се видат десетината веќе припитомени срни кои слободно шетаат, потоа пауни, домашни и диви патки, коњи и други животни. До 2002 година оваа локација била агро-депонија настаната по експериментален коп на јаглен. Истата година фирмата "Оптима" од Делчево имотот го зела под концесија од Министерството за земјоделство и го претворила во прекрасно место кое сопственикот Иван Соколов и понатаму ќе го облагородува.

Туристички атрактивности:интересно мало езерце, богатство од риба, уредена околина.
Потенцијални видови туризам:риболов, излет, велнес.