Кундинско Езеро

Кундинско Езеро е сосема мало природно езерце што се наоѓа 2,5 km северозападно од Пробиштип, во подножјето на вулканската планина Плавица (1297 m). Се наоѓа на дното на една природно издлабена елипсеста депресија во вулкански карпи, на надморска височина од 745 m. Всушност басенот на езерото настанал со ерозија на понеотпорните туфови, во однос на поотпорните андезити, кои ја сочинуваат рамката. Езерото има специфична положба и лачен изглед, со доминантен правец на протегање ИСИ-ЗЈЗ. При максимално ниво (за време на интензивни врнежи), должината на езерото достигнува 250 m, широчината 30 – 70 m, должината на бреговата линија 580 m, а површината 13.500 m2. Тогаш, најголемата длабочина му изнесува до 3 m. Езерото вода добива речиси исклучиво од атмосферски врнежи од неговото сливно подрачје (0.34 km2), а ја г уби п реку истекување од споменатиот канал, со испарување, понирање и др. Оваа уникатно езерце, по неразбирливо прокопување на одводен канал во 70-тите години од минатиот век е речиси целосно уништено. Денес тоа има повремен карактер и повеќе наликува на тресетиште, со бујна вегетација од трска и шамак. Сепак, поради интересниот изглед, живописната природа и особено богатиот биодиверзитет на мал простор, Кундинско Езеро е атрактивно и привлечно за посетителите вљубени во чистата природа.
Туристички атрактивности:специфичен изглед и положба, богат биодиверзитет.
Потенцијални видови туризам:трекинг, прошетки околу езерото, набљудување на природата.
Забелешка:Кундинско Езеро поради влијанието на човекот во блиското минато е претворено во тресетиште. Ако не се преземат некои заштитно-обновувачки мерки, секое помасовно присуство може понатаму да ја влоши состојбата.