Езерото Гратче

Езерото Гратче е создадено во 1959 година, по изградбата на армирано-бетонска брана висока 32 m, со која е преградена Кочанска Река. Езерото при максимално ниво (кота од 467 m н.в.) е долго 1.2 km, широко 0.2 km, а должината на бреговата линија изнесува околу 3.5 km. Површината на водното огледало, просечно изнесува 0.19 km2, максималната длабочина е 29 m, а зафатнината на акумулираната вода од 2.4 милиони метри кубни. Водата од езерото се користи за водоснабдување на градот Кочани, а во помал дел и за наводнување на Кочанско Поле. Инаку, самото езеро исполнува дел од долината на Кочанска река на влевот на Мала во Голема река, простор кој е геоморфолошки многу интересен. На мостот на брана Гратче постои споменик-плоча во чест на изградбата на браната. Постојат и други интересни знаменитости, како изворот на Боро лимонадџијата, кој пред 30 години речиси секоја ноќ во летните денови одел до Царев врв за набавка на снег за ладење на лимонадата. Исто така, интересен е Големиот Водопад висок 20-тина метри, кој настанал со заполнување на мала заштитна брана над денешното езеро. Има многу места што можат да се видат во околината на езерото Гратче. Интересно е дека самото езеро може да се заобиколи по планинарските пешачки патеки, со оглед на тоа што брегот има должина од само 3,5 km. Повисоко на планината има видиковец, близу до езерото се наоѓаат водопади и патека до споменикот „Мактеон“. Од другата страна, може да се посети и црквата Св. Пантелејмон, додека на северната страна од езерото се наоѓа археолошкиот локалитет „Долно Градиште“. Со оглед на близината до градот, поврзаноста со асфалтен пат (кој, сепак, не е во соодветна состојба) и прекрасната природа, Гратче претставува одличен туристички локалитет.
Туристички атрактивности:езерски пејсаж, густа букова шума, чист воздух, пријатна клима, разновиден биодиверзитет, антропоген водопад.
Потенцијални видови туризам:трекинг, прошетки околу езерото, риболов, здравствено- рекреативен, набљудување на природата, кајакарство, излетнички, конгресен.
Забелешка:Езерото Гратче и просторот околу него веќе имаат одреден степен на уреденост (патеки, сигнализација, паркинг и др.). Сепак, искористеноста не е на соодветното ниво и има големи можности за подобрувања на понудата.