Езерото Калиманци

Езерото Калиманци е вештачка акумулација на реката Брегалница во Очипалско - Истибањската Клисура и претставува најголемо езеро во ИПР. Езерото е долго 14 km, широко 0.3 km, а максималната длабочина достигнува до 80 m. Зафаќа површина од 4.23 km2 и акумулира 127 милиони m3 вода. Езерото Калиманци е специфично по големата брегова разгранетост. Вкупната должина на бреговата линија му изнесува 40,5 km (при просечен водостој), или подолго од бреговата линија на Дојранското Езеро. Има неколку заливи и полуострови, еден остров - Калата (1,5 ha) и еден микро-остров кај с. Тодоровци (0,2 ha). Најголем залив е Каменичкиот, вовлечен дури 3 km кон градот Македонска Каменица, потоа Луковичкиот и Рибничкиот залив (0,8 km).Калиманското Езеро настанало со преградување на долината на Брегалница преку изградба на брана во 1969 година. Браната е камено-насипна со глинено јадро, висока 92 m (меѓу највисоките во нашата држава), а долга 240 m.Основната намена на езерото е наводнување на околу 28.000 ha, главно површини под ориз во Кочанската Котлина, но и на дел од обработливите површини во Овче Поле. Вишокот вода се користи за производство на електрична енергија преку изградената мала хидроцентрала со инсталирана моќ од 13,8 MW. Калиманско Езеро со својата положба, разгранетост и околната природа е многу атрактивно. Лоцирано на судирот на потоплата клима од запад и постудената од исток, езерото има поволна клима. Во текот на летото температурата на езерската вода се искачува над 20°С и е погодна за капење, посебно на места кои одговараат за плажи. Езерото е богато и со риба: крап, клен, сом, скобуст, црвеноперка и др., што нуди одлични услови за спортски риболов. Долж брегот на езерото, па и во самото езеро има повеќе археолошки локалитети. Така, кај селото Дулица (месност Бегов Даб) е откриена голема базилика од V век со многу материјали (керамика, колони, капитоли). Исто така, во с. Илијово кај месноста Црквиште се откриени предмети и остатоци од античка градба, на која потоа била изградена и постоела еднобродна црква со гробови од крајот на XIV или почетокот на XV век. Езерото Калиманци има одлична туристичка положба. Тоа е до градот Македонска Каменица, на 10 km од Делчево, 20 km од Кочани и Виница. Покрај езерото поминува живописен магистрален пат кој преку Делчево продолжува за Бугарија. Сепак, без оглед на одличните погодности, езерото Калиманци речиси воопшто не е туристички искористено. Покрај него нема ниту еден сместувачко-угостителски објект, а за другите содржини не станува збор. Според изведените анализи, езерото и неговата околина можат да привлечат значителен број туристи и да обезбедат солидни средства од туризмот.
Туристички атрактивности:разгрането езеро со бројни заливи, полуострови и остров, живописна природа, разновиден биодиверзитет, богатство со риба, археолошки локации, чиста природа.
Потенцијални видови туризам:капалишен, кајакарство и други спортови на вода, крстарење по езерото, езерски рути, риболовен, излетнички.
Забелешка:На езерото има барем 3 локации погодни за плажи, особено кај с. Тодоровци. Езерото има можност за пловнa рутa во должина од дури 25 km (Тодоровци – Луковица – Калата – Брана – Каменица). Проблем е голема осцилација на езерското ниво и силно загадување при високи води или излевање на реката Брегалница.