Брегалница

Брегалница по должина е најголема притока на Вардар. Извира под врвот Ченгино Кале на Малешевските Планини на надморска височина од 1700 m, а во Вардар се влива меѓу селата Ногаевци и Уланци, на надморска височина од 137 m. Средниот проток при утоката изнесува 28 m3/s (максимални протоци 640 m3/s, а при минимални коритото е суво). Има вкупна должина од 225 km, сливна површина од 4.307 km2 и релативен среден пад од 7‰. По спуштањето од Малешевските Планини каде Брегалница има мошне развиена изворишна челенка, таа најпрво тече низ Беровската Котлина, во која има широк тек, доста е мирна, но и акумулира значаен флувијален материјал. Кај с. Будинарци широчината на долината достигнува 500 – 600 m, а од с. Разловци веќе влегува во клисурестиот дел на Разловската Клисура долга 19,1 km. Во клисурата се јавуваат одредени ерозивни проширувања како она кај с. Митрашинци. По Разловската Клисура Брегалница тече низ Делчевско Поле во кое наталожува значајна количина чакал и песок со што на одредени потези текот се разбива во неколку ракави. Во Пијанец и Малеш е горниот тек на р. Брегалница. Таа тука тече од југ кон север и има меридијански правец на протегање. Од вливот на Очипалска Река па до с. Истибања, односно до влезот во Кочанската Котлина и понатаму до вливот во Вардар, Брегалница тече од исток кон запад и има напореднички правец. Низ Истибањската Клисура Брегалница тече во должина од 39 km. Во неа денес е езерото Калиманци. Во Кочанската Котлина Брегалница навлегува кај с. Истибања и низ неа тече речиси по средината и ја напушта кај с. Крупиште каде на запад од него изградила кратка сатеска. Низ котлинското дно Брегалница има рамнински карактер со просечен пад од само 1,8‰. Затрупувано со наносите на притоките и пороите коритото е плитко и непостојано поради што често доаѓа до изливање на водата. Од штипската сатеска до вливот во Вардар Брегалница тече низ млади палеогени и неогени седименти и коритото има меандриски облик. Тоа е пределот Слан Дол. Во својот тек Брегалница прима 23 притоки подолги од 10 km. Од десната страна дотечуваат 10 притоки со вкупна должина од 241 km, а од левата страна 13 притоки со вкупна должина од 260 km.
Туристички атрактивности:речен релјеф, речен екосистем, клисури.
Потенцијални видови туризам:риболовен туризам, трекинг, излетнички туризам, кајак.