Лесновски кратер

Лесновскиот кратер се наоѓа во западниот дел на Осоговските Планини, помеѓу Пробиштип и с. Злетово. Тоа е меѓу најдобро сочуваните фосилни вулкански кратери во Република Македонија и на Балканскиот Полуостров. Пречникот на кратерот е околу 1.5 km, а неговата длабочина 150 – 200 m. Околу центарот на кратерот прстенесто се распоредени 7 - 8 купести ридови, односно вулкански некови (чуки). Од нив највпечатлив е северниот рид Илин Крст (1127 m), кој веројатно бил главен вулкански центар, од каде избивало најголемо количество лава и вулкански материјал. Низ средишниот дел на кратерот, во правец североисток-југозапад, тече малата Лесновска Река, која ја пресекува западната рамка на кратерот. На местото на пресекот, долината на оваа рекичка е многу интересна, стрмна и со голем број дупки (пештери) по страните. Вдлабнатините и дупките во карпите не се природни туку направени од човекот, кој го вадел квалитетниот, цврст вулкански камен (андезит), од кој изработувал воденички камења. Всушност, околните села, а посебно Лесново, биле познати по изработка на многу квалитетни и барани воденички камења. Инаку, вулканската активност на овој простор почнала пред околу 30 – 35 милиони години. Вулканот имал силни, експлозивни ерупции, проследени со исфрлање големо количество пепел, гасови и густа лава. Затоа во околината има траги од течење на лава, а има и појави на вулкански бомби. Поради тоа што е еден од најсочуваните, но и најкарактеристични кратери во Македонија, Лесновскиот кратер е прогласен за споменик на природата. Покрај уникатниот релјеф, овој простор има мошне пријатна клима на преод од умерено-континентална кон планинска. Се одликува со свежи лета и пријатни зими, во комбинација со чист планински воздух и голем број (2400) сончеви часови во текот на годината. Во централниот дел на живопосниот кратер се наоѓа селото Лесново кое е единствената населба во Република Македонија што лежи во јасно изразен и сочуван фосилен вулкански кратер. Поради прекрасната, уникатна природа и културно-историските и духовните вредности, интересот за посета на Лесново е сѐ поголем, како од домашните, така и од странските туристи. Инаку, кратерот и селото сообраќајно се релативно добро поврзани со тесен асфалтен пат до градот Пробиштип (13 km) на запад и до селото Злетово (8 km) на југ.
Туристички атрактивности: добро сочуван вулкански кратер, вулкански карпи, живописна природа, богат растителен и животински свет, повеќе пештери, одлични видикови точки.
Потенцијални видови туризам: трекинг, геотуризам, маунтбајкинг, селски туризам, верски (религиски) туризам.
Забелешка: Поради уникатноста на природата, не треба на никаков начин да се менува амбиентот во кратерот или неговиот изглед. Сѐ што ќе се гради треба да се вклопи во природата, да биде во локален (селски: селско-манастирски) стил и „незабележливо“. Треба да се тежнее кон понуда на еко-рурален туризам. Туристичката активност не треба да ги наруши манастирскиот мир и начин на живот.