Кукуље

Кукуље е уникатна релјефна појава што се наоѓа во подножјето на планината Бејаз Тепе, помеѓу Делчево и Пехчево. До локалитетот се доаѓа преку регионалниот пат Делчево – Берово, при што кај с. Нов Истевник се скршнува на запад и по тесен асфалтен пат се стигнува до самото село. Натаму по пешачка патека се искачува околу 1,5 km кон југ и се доаѓа до импозантен отсек (мел) длабок 60-тина метри, со карактеристични форми на камени кукли во него.Овде, на должина од околу 200 m и широчина од 30 – 50 m, во подножје на поголем природен мел, се изградени 50-тина земјени пирамиди со височина до 15 m. Најистурените и најстари пирамиди, што се наоѓаат поблиску до долинското дно на Истевнички Поток, веќе се сосема оформени. Над нив се помлади пирамиди, сѐ уште поврзани со седиментни гребени со кои заедно градат сложени форми што наликуваат на замоци и куполи. Така, процесот се поместува нагоре по падините, што значи создавањето на пирамидите е активно и денес. Инаку, изградувањето на земјените пирамиди во Кукуље е тесно поврзано со уништување на природната вегетација, како и длабокото всекување на Истевнички Поток во моќните седиментни слоеви. Кукуљето е многу интересна релјефна појава, втора по важност од овој вид во Република Македонија. Локалното население се гордее и им се восхитува на куклите, а во последно в реме и м с е в осхитуваат бројни посетители од нашата држава па и пошироко. Во 2008 година локалитетот е уреден и заграден од безбедносни причини. Направени се неколку видиковци и патеки, па слободно може да се ужива во Кукуљето, да се фотографираат и набљудуваат куклите стари стотици години. Воедно, може да се одморите на поставените дрвени клупи.
Туристички атрактивности: уникатна појава на камени кукли (земјени пирамиди), голем природен отсек - мел со одличен поглед, густа шума, богат растителен и животински свет.
Потенцијални видови туризам:геотуризам, селски туризам, набљудување на природата.
Забелешка:До Кукуље нема соодветни патокази, ниту добра патека, иако самото место е релативно солидно уредено. На целиот простор недостига солиден угостителски објект.