Св. Никола

Црква Св. Никола – Штип е еден од најрепрезентативните свети објекти во овој дел на Македонија и истата е соборен храм на Брегалничката епархија. Изградена е врз темели на постара црква која датирала од 1341 год. Градењето било под раководство на градителот Ѓорѓи Новаков Џонга, по примерот на градбите на Андреја Дамјанов, во време на митрополитот ќустендилски и штипски Игнатиј, од кого е и осветена на 10 мај 1867 година. Црквата е трокорабна базилика, опкружена со тремови од западната, северната и јужната страна. На катот има галерија икони од поголем број цркви на манастири, како и стари црковни книги. Внатрешноста на црквата е украсена со живопис на сводовите, како и неколку фрески на ѕидовите. Поголем дел од иконите на иконостасот се изработени од македонскиот зограф Димитар Андонов Папрадишки во 1869 година, но има и од други зографи како: Захарие Самоковлија, Атанасие Хризу, Хаџи Костадин од Велес, Јован Прилепчанин, Јован Атанасов, Коста Крстев. Фрескоживописот, како и копаничарските дела: богато украсениот балдахин во олтарниот дел и владичкиот трон во наосот на црквата се дело на Костадин Иванов Вангелов од Штип.

Туристички атрактивности: еден од најрепрезентативните свети објекти во овој дел на Македонија, соборен храм на Брегалничката епархија
Потенцијални типови туризам: верски туризам,туризам на културно-историското наследство.