Св. Архангел Михаил

Црква Св. Архангел Михаил – Берово. Беровскиот манастир e еден од ретките манастири во Македонија со непрекината монашка традиција од повеќе од два века. Првата манастирска црква е изградена во периодот од 1815 до 1818 год. и на нејзиното осветување присуствувал македонскиот просветител Јоаким Крчовски. Според една легенда, градењето на црквата се одвивало во исклучително тешки услови, но, сепак, беровци дотрајале во својата намера и под водство на локалниот свештеник Пецо успеале да ја завршат за четириесет дена согласно условите на турските власти.Темелите на првиот женски манастир во Берово биле подигнати дваесет години подоцна. Првите калуѓерки во манастирот биле снаата и ќерката на поп Ристо, зет на поп Пецо. Својот најголем подем манастирот го имал во првата половина од XX век, кога броел и до шеесет монахињи, имал развиена богата економија, богословско училиште, ткајачница. Црквата е со голем трем, изградена во архитектурен опус од XIX век, доминира во манастирскиот двор. Од првобитниот иконостас сочувана е само една икона со претставата на светиот пророк Ное, дело на иконописецот Георги Велјанов од Струмица, изработена во 1818 година. Денес сестринството во овој манастир изработува икони во византиски стил и истиот е отворен за духовните потреби на секој добронамерен посетител. Она што исто така е уникатно кај овој манастир е неговата местоположба, односно за разлика од другите манастири во Македонија, кои се лоцирани во ненаселени места, Беровскиот манастир е сместен на самиот излез од Берово, на патот што води кон браната и езерото.
Туристички атрактивности: манастирска црква од 1815 год., непрекината монашка традиција од повеќе од два века, изработка на икони во византиски стил, активен женски манастир.
Потенцијални типови туризам: верски туризам,туризам на културно-историското наследство, манастирски туризам.