Туртелски пештери

Туртелски пештери се наоѓаат непосредно под врвот Туртел на планината Плачковица. Настанале со карстна ерозија во мермерните карпи присутни во вид на тесен појас на овој простор. До сега се истражени пет пештери од кои најдолга е Големата пештера со должина од околу 600 m. Таа претставува вистински бисер со своите пештерски украси и предизвик за спелеолозите. Помали се пештерите Ќуп, Ајдучка, Туртел и Понор, но и тие се богати со пештерски украси. Речиси сите наведени пештери се лесно достапни за посетителите и до нив водат маркирани патеки. Инаку, најдобра пристапност до западниот дел со врвот Туртел, како и наведените пештери е преку асфалтниот пат кој води од с. Карбинци до одморалиштето Плачковица на околу 1350 m. Убаво место за преноќување овде е планинарскиот дом Вртешка, кај истоименото село на 1050 m надморска височина, сместен на карактеристична височинка и со одличен видик.
Туристички атрактивности: повеќе пештери на интересна локација, богатство со пештерски накит, чиста природа.
Потенцијални видови туризам: спелеотуризам, геотуризам, трекинг, авантуризам.

Забелешка: Пештерите се слабо познати и промовирани. Не се солидно уредени за прием на туристи. Нема водич. Пештерите се мали (тесни) и лесно подложни на загрозување.