Лесновски пештери

Лесново спаѓа во најстарите села во Република Македонија. Неговата историја е долга повеќе од илјада годинии е неделива од постоењето на Лесновскиот манастир. Како големо духовно христијанско крстилиште, во кое значајно место има манастирот св. Гаврил Лесновски, постојат и повеќе од 20 верски објекти разместени на атрактивни природни локации. Селото Лесново има едно од најстарите училишта во Македонија основано во XI век. Во периодот помеѓу X и XIV век во Лесново е создадена и големата Лесновска лавра, позната како најголема монашка република на Балканот. Релјефот е последица на силна вулканска активност, која е дел од најпространата и најпознатата вулканска област во Македонија, која во геоморфологијата е позната како Кратовско – злетовска вулканска област. Во науката Лесновскиот кратер се споредува со вулканот Етна во Италија и многумина го нарекуваат Македонска Етна и претставува вистинско ремек дело на природата. Со неговата исклучителна природна реткост се наоѓа на списокот на геолошки раритетиво Република Македонија. Посебен куриозитет претставуваат т.н ингимбрити кои ги нема никаде на друго место во на толку голема површина и во толку голема маса. Кратерот го опкружуваат ридови и формираат прекрасен природен анфитеатар, најдоминантен кој се издига веднаш над селото со надморска височина од 1127 м е Илински врв. Поголемиот број од пештерите во Лесновскиот кратер се настанати од повеќевековната изработка на надалеку познатите лесновски воденички камења. Сместени се во непосредна близина на селото од двете страни на клисурестиот дел на Лесновска река, и претставуваат вистинска атракција за секој посетител. Во минатото во овие пештери се изработувале квалитетни воденички камења, секоја пештера била сопственост на една фамилија, годишно се изработувале по 2000 парчиња кои биле многу барани и употребувани низ целиот Балкански полуостров.Прошетката по еко патеките кои водат кон овие пештери претставува несекојдневно доживување. Вкупната должина е 600 метри со 200 броја на скали и два моста од кои едниот ги поврзува пештерите од двете страни на Лесновска река со пештерската црква св. Богородица и другиот кој го поврзува манастирскиот комплекс.
Пешачки еко-патеки и мостови за пристап до пештерската црква и пештерите кои се настанати како резултат на вадењето на воденичните камења.
Пештерска црква-скит- од особена важност е пештерската црква или испосницата „Св. Богородица„ која се наоѓа во месноста Коларско, 1 км оддалечено од селото Лесново, во најстрмниот дел на Лесновскиот кратер.
Ова е природна пештера која е настаната со настанувањето на вулканскиот кратер, а која е адаптирана од монашкото братство за аскетски живот на монасите кои живееле во неа во строг пост и молитва. На ѕидот на каменот во пештерата нацртана е фреска на Св. Богородица и Исус Христос, која според записот датира од XIV век, по нарачка на ктиторот-испосникот Серапион, кој ја посветил пештерата на Св. Богородица.
Пештерска црква Св. Илија се наоѓа на врвот Илински крст, која плени со својата светост и убавина и претставува посебно место за месното население и монашкото братство од манастирот за празнување на празникот Св. Илија.
Пештери настанати со вадењето на лесновскиот воденичен камен, во кои може да се видат остатоци од недовршената работа на вадење на воденични камења.
Лесновски кратер еден од најсочуваните и најкарактеристични кратери во оваа област прогласен за споменик на природата и се наоѓа на списокот на геолошките раритети.