Исар

Исар – Штип се наоѓа во југозападниот дел на Штип на 150 метри над нивото од реката Брегалница. Опкружен со стрмни падини, на западната страна со коритото на Брегалница, а на јужната со коритото на Отиња, овој рид има исклучително поволна стратешка положба што му овозможува прегледност и контрола на влезот и излезот од градот. Токму на ова место и за оваа намена била изградена истоимената средновековна тврдина, која денес е еден од заштитните знаци на градот Штип. Постои интересна легенда во однос на Тврдината Исар и градот Штип и нивното заземање од страна на Османлиите за време на владеењето на Султан Мурат I во 1383 г. За овој настан пишувал и познатиот патеписец Евлија Челеблија, кој го посетил Штип во 17 век. Според Челеблија, градот бил опседнат од многубројна турска војска, но опсадата и обидите за освојување на тврдината биле неуспешни. Војниците кои логорувале покрај Брегалница забележале дека бранителите користат тунел преку кој ја снабдувале тврдината со вода и преку истиот тој тунел Османлиите со препад ја освоиле тврдината. Со археолошките истражувања во 2009 год. откриен е 30-метарски тунел кој води од реката до врвот на Исарот, со што е и потврдена најраскажуваната штипска легенда. Тврдината се состоела од два дела, опкружени со одделни ѕидни појаси. Замокот бил поставен на највисокиот дел на ридот, а стопанскиот дел се простирал на падините северно-источно и јужно од дворецот. Со појавата на огненото оружје тврдината ја губи својата функција и истата е напуштена.
Туристички атрактивности: археолошки локалитет во самиот град Штип, обичај Четрсе, панорамски поглед кон градот.
Потенцијални типови туризам: туризам на културно-историското наследство.
Забелешка: Позитивна страна на овој локалитет е тоа што тој е лоциран во самиот град Штип и може да се вклопи во целокупната туристичка понуда. Голем плус и е обичајот "Четрсе", кој е тесно поврзан со овој локалитет и е првото добро од Македонија внесено на репрезентатив- ната листа на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО.