Местоположбата на Источниот регион го опфаќа сливното подрачје на реката Брегалница, зафаќа 14% од територијата на Р. Македонија со површина од 3537 км2. Регионот е поделен на 11 општини (Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново-Облешево и Штип.), кои во поглед на урбанизираноста се поделени на 217 населени места од кои 209 места карактеризирани како рурални населби. Овој регион од источната страна се граничи со Р.Бугарија, а комуникацијата со соседната држава се остварува преку граничниот премин Делчево во општина Делчево. Постои можност за активирање на премините Клепало, Ајдутска чешма и Црна Скала. Регионот има речиси четири пати помал пораст на населението во споредба со порастот на населението во земјата. Вкупно бројот на жители во регионот изнесува 181.858. Густината на населеност изнесува 51 жител/км2. Меѓутоа, поради перманентниот процес на депопулација, голем е бројот на раселени села, села со големина од 100 жители и села со изразено висок индекс на стареење.